Во Неготино откриена импровизирана лабораторија за дрога и психотропни супстанци

Објавено на 24 октомври, 2025 во 14:50

Полициски службеници од ОВР Неготино, вчера, го лишеле од слобода триесет и осум годишниот Б.П од Неготино. Како што пишува во дневниот билтен на СВР Велес, при претрес во неговиот дом извршен со судска наредба откриена е импровизирана лабораторија за производство на дрога и психотропни супстанци во која биле пронајдени и одземени 120 грама амфетамин спакуван во повеќе различни пакувања, марихуана како и предмети со остатоци од масло од хашиш.

-Лицето е задржано во полициска станица и во координација со јавен обвинител против него е поднесена кривична пријава по брза постапка поради постоење основи на сомнание за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215 од Кривичниот законик, информира Билјана Ѓаковска портпаролка на СВР Велес.

Додека, од судија на претходна постапка, определена му е мерка притвор во траење од 30 дена и лицето е спроведено во Казнено – поправната установа Затвор Гевгелија за издржување на мерката притвор.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.