Во велешкиот Средношколски дом има 121 празно ученичко легло, дали ќе се пополнат се чека пратениците да пресечат за ученичкиот превоз
Само 100 редовни ученици во учебната 2024/25 година, запишани во четирите средни училишта во Велес, поднеле документи и се стекнале со право за сместување во Средношколски дом „Лазар Лазаравски“. Сите се државјани на Република Северна Македонија и ги исполниле останатите услови. Поточно училиштето во кое од септември ќе почнат да учат или се запишани ученици во II, III и IV година оддалечено е најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и има организирано јавен превоз како и училиштето оддалечено е најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз.
Со бројка од 100 примени средношколци засега капацитетот на велешкиот Средношколски дом не е пополнет ни 50 отсто. Директорот Марјанчо Јорданов рече дека во очекување се на околу 30 ново заинтересирани средношколци.
-Најголем број од нив се корисници на услугите на домот, од претходните години. Во интерес ни е да привлечеме и нови средношколци, кои за прв пат ќе станат наши корисници. Но, сепак се зависи од носењето на измените на Закон за млади и спорт и на Закон за средно образование во чијашто подготовка учествував. Како и колегите така и јас се надевам дека пратениците ќе ги усвојат со цел да создадат услови за рентабилно работење на овие институции во државата, додаде Јорданов.
Станува збор за измени со кои на средношколците, кои живеат на поголема оддалеченост од 25 км, од училиштата, државата да го плаќа секодневниот превоз откако ќе се пополнат сите места во средношколските домови. Досега тоа не беше пракса. Министерството за образование од државниот буџет само во Општина Велес, во последната учебна година, на автопревозници им исплати 630.734 евра за дневен ученички превоз додека средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ остана полупразен. Пресметките покажуваат дека од државниот буџет би се одлевале многу помалку пари, по 11.000 денари по сместен средношколец во дом наспроти плаќање секојдневен превоз.
Директорите на средношколските домови во државата, освен на пратеничката одлука, во очекување се и на средба со министерката за образование, Весна Јаневска.
Инаку, по првично утврдениот рок на конкурсот, 10 јули, тој отворен е во сите средношколски ученички домови се до пополнување на последното празно легло. Вообичаено, по 10 август, аплицираат новите заинтересирани средношколци. Тие за потребните документи можат да се информираат директно на веб страницата на Министерство за образование.
Убавка Јаневска