За четиринаесет денови, 15 колабирани граѓани во Велес

Високите температури и хроничните заболувања се причина за 15 онесвестени граѓани на кои помош им пружија лекарите од Итна медицинска помош. Освен на отворено, се онесвести и велешанец во затворен простор, во градскиот пазар во Нова Населба. Лекарите од Итна медицинска помош како причина за колабирањата го наведуваат намалувањето на крвниот притисок што е последица на горештината и покачувањето на УВ зрачењето.

-Колабирањето најчесто го предизвикува хипотензијата како последица од топлото време. Висока е бројка во однос на претходните денови. Хронично болните граѓани со хронични срцеви и белодробни заболувања потребно е да останат дома од 10:00 до 17:00 часот. Останатите граѓани им препорачувам да користат максимална заштита, да носат очила, капи и шешири или да користат чадори, се со цел да не бидат директно изложени на сончевите зраци. Во исхраната потребно е да се конзумираат производи со што помалку маснотии. Мрсното свинско месо да се замени со телешко, пилешко месо или со риба. Потребно е пиење поголема количина на течности, на вода, што најдобро ќе ги покрие потребите на човечкиот организам намалени од потењето. Бидејќи поради пеколните жештини се губат поголеми количества на течности. Граѓаните потребно е да јадат поголеми количини на свежо овошје и зеленчук и да избегнуваат шеќери како и газирани пијалоци кои стимулираат потење, рече Д-р Марјан Мишев, лекар во Итна помош на Здравствен дом Велес.
Лекарот, исто така, препорача при неопходни потреби од излегување надвор од домот граѓаните да ја заштитат и кожата со нанесување на креми или млека за сончање. Пожелно е во деновите на викендот кога пеколните жештини се причина за побројно излегување од дома и посета на рекреативните центри како река Бабуна и Езеро Младост, да се внимава на изложеноста на сонце во најкритичниот дел од денот помеѓу пладне и 17:00 часот, како со сончање така и со пливање.
Убавка Јаневска
