АХВ ги соопшти причините за забраната за пиење вода од селскиот водовод во Башино село, има забрана и за селската чешма
Објавено: 25 септември, 2026, во 10:36 часот
„Зголемен број аеробни бактерии, присуство на колиформни бактерии како индикатор за фекално загадување и отсуство на резидуален хлор, што е во спротивност со дефинираните одредби од Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење, покажале последните резултати од земен примерок на вода за пиење во селскиот водовод на Башино Село. Примерокот од вода бил земен и испитувањата ги направиле лекарите и микробиолозите на Центар за јавно здравје Велес, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Затоа оваа државна јавна институција, АХВ, на 16 овој месец донела решение со кое како небезбедна ја забрани за употреба водата од селскиот водовод во с. Башино Село, Општина Велес.
„На Општина Велес со Решението наредено и е да ја извести јавноста дека водата не е безбедна за пиење, односно да постави предупредување за тоа, за што АХВ во законски предвидениот рок доби известување дека е постапено по издадената наредба,“ одговорија на новинарското прашање на Дума.мк од Агенција за храна и ветеринарство.
Селскиот водовод во Башино село не е предаден на управување на Јавно комунално претпријатие „Дервен“ што значи дека тоа не е надлежно за решавање на проблемите поврзани со водоснабдувањето.
Од АХВ додаваат дека на 28 јули, годинава, исто така, ја забраниле за пиење и водата од природната чешма во село Башино Село, поради утврден зголемен број на бактерии во лабораториски тестирана мостра вода од страна на Центарот за јавно здравје Велес.
Убавка Јаневска


