Засега велешани, жителите на Чашка и на Градско,безбедни се од лесно расипливата храна

Зголемени се контролите и надзорите на државните инспектори за храна во летните месеци. Во споредба со зимските, сега, во лето, на врвот на листата на контролирана храна се наоѓаат сладоледите, слатките, преработките од месо, скарата, сендвичите, млекото, млечните производи, јајцата и другите видови на лесно расипливи производи. Граѓаните немаат причина да се сомневаат во квалитетот на храната што ја конзумираат, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Редовното земање на мостри од лесно расипливата храна и резултатите од извршените анализи, последниве години, покажуваат дека освен што е подигната јавната свест за безбедност на храната на производителите исто така сериозно пристапуваат и трговците кои ги продаваат производите. Во овој ланец значајна карика се и дистрибутерите. Тие паралелно со дистрибуцијата на свежи, скоро секојдневно, повлекуваат производи со поминат рок.
Во велешката трговска мрежа, во поголеми маркети, честа е глетката на продажба на храна пред истекување на рокот за употреба. Тие производи се во мали количини. Задолжително изложени се во фрижидери и при појавен интерес за купување од страна на граѓаните нив продавачите им го нагласуваат крајниот рок на употреба. Засега во трите општини, Велес, Чашка и Градско, нема регистриран случај на труење од храна.
„Храната се повлекува и во случаите кога се работи за сомнеж или за труење со храна. Во овие случаи кога инспекторите на АХВ постапуваат и соработуваат со Министерството за здравство и Државниот здравствен и санитарен инспекторат, а по потреба и со други државни органи, официјалните контроли, начинот на вршење на епидемиолошки испитувања на болести преносливи со храна и мерките кои се преземаат во случај сомнение и на позитивен наод на болести преносливи со храна и општите и посебните барања и услови кои треба да ги исполнат операторите со храна за спречување и елиминирање на појавата на алиментарни заболувања, се спроведуваат по точно дефинирани процедури и протоколи,“ потенцираа од Агенцијата.

Државните инспектори на територијата на општините Велес, Чашка и Градско во првите шест месеци од годината направиле вкупно 2609 надзори во кои откриениот број на неправилности е помал од 10 отсто.
Убавка Јаневска
