Жена удрена од комбе на гробиштата на црква „Св. Спас“ во Велес
Од удар на комбе повредена е жена присутна на закопот на прерано починатото девојче во сообраќајната несреќа што се случи пред три дена во Велес. Комбето ја нагмечило жената потпрена на оградниот ѕид на дворот на црква „Св. Спас“. Информацијата ја потврди портпаролот на СВР Велес, Ристе Самарџиев кој додаде дека станува збор за комбе со струмички регистарски таблички.
На местото на незгодата интервенирала екипа на Итна медицинска помош на Здравен Дом Велес. По укажаната прва помош повредената жена била пренесена во ЈЗУ Општа болница Велес.
Според портпаролката на велешка болница, д-р Елена Левкова Ќулумова, жената е примена во Хирушки амбуланти, направени се преглед и рендгенски снимања.
-Од извршените лекарски прегледи и рендгенска снимка хирурзите констатираа дека пациентката се здобила со повеќе нагмеченици на меки делови од телото. Нема скршеници но според мислењето на лекарскиот тим ќе биде задржана на болничко лекување и опсервирање во наредните 24 часа, додаде д-р Левкова Ќулумова.
Од Сектор за внатрешни работи Велес, исто така, информираа дека во тек е увид што екипа на СВР Велес го изведува на местото на незгодата по чиешто завршување ќе следи дополнително известување.
Стефани Манева