Тренер од Велес и донесе двојна круна на одбојкарска екипа од Скопје
Одбојкарската велешка легенда Јованче Манасков по три годишна пауза и се врати на одбојката. Ветеранот, како тренер, на скопската женска екипа ОК „Јанта Волеј“ и донесе две значајни титули. Екипата го освои Купот и стана државен првак на Македонија.
Двата успеси се постигнати, пред две недели, но за нив знаат само граѓаните што следат спорт. Фановите на одбојката дознаа преку директните преноси на МРТВ 3. За тоа дека Манасков е прв тренер на скопски женски одбојкарски клуб прочитавме на македонските спортски веб портали. Така и дознавме дека тренерот на тимот што годинава има два значајни титули во женската Одбојкарска лига е велешанец.
Манасков, на почетокот на разговорот соопшти дека кога ја добил понуда од Управата на скопскиот клуб минал низ период на лично преиспитување. Потоа ја прифатил затоа што одлучил дека не така едноставно треба да го остави неколку децениското вложување во одбојката.
-Спортот преку одбојката, како дисциплина, е дел од мојот живот. Во спортот зачекорив на 14 годишна возраст. Повозрасните велешани паметат што претставуваше ОК „Борец“ како за градот така и за републиката во рамки на екс Југославија . Јас лично знам затоа што станав дел од овој клуб на 14 годишна возраст. Тоа едноставно не исчезнува од ниту еден спортист што облекол дрес и заиграл на терен на спортска сала, рече Јованче Манасков.
За него дополнителна мотивација во понудата на ОК „Јанта Волеј“ од Кисела Вода била првата позиција, поточно прв тренер на екипата. Во моментот кога Манасков застанал на кормилото на ОК „Јанта Волеј“ екипата се наоѓаше на втората позиција на табелата со два порази. И двата од првопласираниот ОК „Вардар 2019“ од Скопје.
Манасков додаде дека старот го проектирал скромно, клубот да освои барем една титула. Како течело првенството апетитите се зголемувале. Особено по освојувањето на Купот на Одбојкарска Федерација на Македонија.
-Во полуфиналето, среде Струмица, ја совладавме домашната екипа на ОК „Струмица“со 3:1. Следниот ден со ист резултат, во истата сала, беше совладан и ОК „Вардар 2019“ од Скопје. Тоа е екипа против која до тогаш немавме победа со што го подигнавме Куп пехарот за првпат во историјата на постоењето на клубот. Веќе следната недела започна и борбата за титулата. Во полуфиналето како второ пласирана екипа се сретнавме со трето пласираната екипа на ОК „Струмица“ и со две победи дома и во гости се пласиравме во финалето за титулата државен првак.Таму не чекаше повторно ОК Вардар 2019 од Скопје што како прво пласиран го победи четврто пласираниот ОК Работнички од Скопје. Финалето започна со предност во победи за Вардар со 1:0 поради подобар пласман во шампионатот, во натпревари подобар до три. Наредните два натпревари дома и во гости убедливо ги добивме и кога сите очекуваа и трета последователна победа и шампионски пехар, бевме дома поразени со 3:2 во сетови, со што се изедначивме 2:2 во победи, додаде Манасков.
Неговиот тим последниот решавачки натпревар го игра на гостински терен и само по два дена.
-Игравме под огромен психолошки притисок од поразот, но, девојките храбро издржаа и после возбудливи пет сета, конечно го подигнавме и шампионскиот пехар. Постигнавме резултат 3 : 2 во победи и во сетови, преку два последователни исцрпувачки натпревари. Вистинско финале во кое уживаа сите вљубеници на одбојката преку преносите на МРТ 3 на сите полуфинални и финални натпревари, додаде Манасков.
Тој упати јавна и голема благодарност до неговиот почитуван пријател, сопственикот на клубот, Горан Јаневиќ – Јанта за укажаната доверба, до соработниците Даниел Аврамски, Никола Јаневиќ, како и познатиот ракометар Сергеј Горбок. Најголемата благодарност сепак ја добија најзаслужните, девојките кои ги бранеа боите на клубот.
-Тие го оставија срцето на терен,изгинаа „машки”, беа нај присебни во одлучувачките моменти и покажаа игра со желба, срце и пред се со љубов, за успех, за победа. Затоа ги освоивме двете титули и бескрајно сум горд на сите нив, додаде Манасков.
Манасков е поранешен одбојкарски репрезентативец, со 25 годишна кариера во повеќе клубови во земјава и во странство. Како одбојкар има освоено преку 20 медаљи и пехари. Активната спортска кариера ја заврши на 41 годишна возраст. Беше и играч и тренер. Како тренер е активен над една деценија.
Само во последните три години направи пауза со цел професионално да се посвети на образовната институција ООУ Блаже Конески во Велес каде што е именуван за директор.
Убавка Јаневска