Меѓуинституционална соработка за заштита на жртвите од семејно насилство

Објавено: 10 декември, 2025, во 14:15 часот

Во рамки на кампањата „16 дена активизам – Обединети против насилството врз жените и девојчињата“, во Општина Велес се одржа работна средба посветена на еден од најсериозните општествени проблеми во локалната средина – семејното насилство.

Настанот беше организиран од Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Велес во соработка со Организацијата на жени Велес, а присуствуваа претставници од СВР Велес, Центарот за социјални работи, Основниот суд, здравствени институции, училишни стручни служби и општинската администрација.

Главна цел на средбата беше подигање на јавната свест за присутноста на насилството во различни општествени сфери и поттикнување на посилна заедничка акција за негово спречување. Присутните се согласија дека само преку координирано дејствување на сите релевантни институции може да се обезбеди навремена и ефективна заштита на жртвите.

Од Центарот за социјални работи посочија дека е потребна дополнителна обука за проценка на состојбите на жртвите, укажувајќи дека во одредени случаи се забележува злоупотреба на процедурите за добивање институционална помош.

Претставници од судството, полицијата, здравствените установи и образовниот сектор ги споделија своите искуства, при што беше истакнато дека бројот на случаи е во пораст – од почетокот на годинава до сега се води постапка за 63 случаи на семејно насилство.

Како заклучоци од дебатата беа издвоени формирање на тим од стручни лица кои континуирано ќе работат со жртвите, како и почеста координација помеѓу надлежните институции.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.