#НемаОправдување – Превземете акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата (видео и фото)
Во Велес не функционира SOS линијата за пријавување на насилство над жени и девојчиња. Градот порано ја имаше но како проектна активност на граѓанска организација. Завршениот проект ни на локалната ниту на централната власт не и претставуваше предизвик да издвои финансиски средства за да ја одржи во функција и со тоа помогне на жените и девојките да пријават претрпено насилство. Ова е првата бариера со која се соочуваат тепаните и малтретирани припаднички на послабиот пол во локалната заедница. Но не е единствена затоашто граѓаните наместо да ја избегнуваат можноста да пријават насилство врз жена или девојка, дадена во единствениот Закон за родова еднаквост во државата потребно е да пријавуваат анономно доколку не се храбри лично дека во домот на соседот, на роднината, на пријателот има малтретирање од страна на посилниот над слабиот член во семејството. Согласно овој закон должни се тоа да го прават и институциите каде жените и девојките работат, кои што се информирани или имаат законска надлежност да заштитат жена или девојка.
-Законот за родова еднаквост е одличен, проблем е неговата имплементација. Нема финансиски средства. Единствената негова фалинка е што не предвидел колку државата ќе ја чини имплементацијата. Но постои колизија помеѓу овој и Кривичен закон. Законот за родова еднаквост предвидува парична казна за насилникот во висина до 800 евра додека Кривичен законик предвидува затворска казна којашто најчесто не се изрекува, рече пензионираната судијка Ангелина Босилкова.
Присутните на дебатата #НемаОправдување, Превземете акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата отворија расправа во која поставија повеќе прашања на говорниците Мимоза Трајкова, инспекторка за семејно насилство и малолетничка деликвенција и Ненад Колев, Началник на опсег за превенција во СВР Велес како и на Биљана Домазетова, Раководителка на Служба за услуги во Центар за социјална работа и на Мирјана Трајкова, Претседателка на Организација на жени на Општина Велес.
Пред да одговорат на присутните овие претставници на локалните институции, кај кои се пријавува или ги водат постапките при насилства над жени и девојчиња, го кажаа следново:
Сектор за внатрешни работи Велес, Центар за социјална работа Велес, Организација на жени на Велес заедно со Основен суд Велес и Јавно обвнителство Велес имаат соработка во делот на прифаќање на охрабрената жртва да пријави родово базирано насилство. Но тоа што недостига, освен законските недоследности, се вмрежување на нивните бази на податоци во една што ќе им овозможи уште поголема координираност и следење на случаите на насилство врз жените и девојките. Националната база треба да ја направи и стави во функција државата. Вакви бази на податоци имаат државите кои се соседи на Македонија. Тие располагаат и со многу попрецизни податоци, поголема координираност и особено помошти, психолошки, социјални, социолошки, советодавни и финансиски коишто охрабриле и до 10 пати поголем број на жртви да пријават и да не трпат цел живот насилства.
Во Македонија, жртвите, најголема доверба имаат во граѓанските организации и затоа својот живот со шамари или ќотек најчесто го пријавуваат кај нив. Засега државата, и покрај отворените Шелтер центри, не издвојува доволно финансиски средства за оваа категорија на граѓанки а исто така и општините не можат да се пофалат дека издвоиле позавидни суми на пари од буџетите.
Дискусијата во Велес ја организираше граѓанската UN women, под покровителство на УСАИД, ОБСЕ и Обединетите нации.
Убавка Јаневска