Латинска Америка – спасител на еврото
Јакнење на соработката поради совладување на економската криза.
Повеќе инвестиции, а помалку протекционизам, гласи мотото на самитот на ЕУ и државите од Латинска Америка, пренесува Дојче Веле.
„Никој не смее да мисли дека со протекционизам тешкотиите подобро ќе бидат совладани“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел. Тоа е поука од економската криза во 1930-те години. Заедно со шпанскиот премиер Мариано Рахој и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, таа предупреди од „забарикадирање“ на домашното стопанство пред конкуренцијата од странтво. Во соопштение на крајот на средбата во Сантијаго де Чиле, учесниците едногласно договорија избегнување на „протекционизам во сите форми“. „Стратешко партнерство“ меѓу ЕУ и државите од Латинска Америка треба да овозможи „одржилв развој“.
На самитот учествуваа околу 60 делегации од ЕУ и од Заедницата на латиноамериканските и карипски држави (ЦЕЛАЦ). Брзиот развој во државите од ЦЕЛАЦ покажува неопходност од напор на Европа да ја подобри конкурентноста и да го реши проблемот со долговите, изјави Меркел. Заедно со Рахој таа на маргините на конференцијата се трудеше да ги придобеи претприемачите за инвестиции во Европа. Меркел имаше лична средба со претседателката на Бразил, Дилма Русеф, а претходно беше примена од чилеанскиот претседател Себастијан Пињера. Двете земји договорија потесна соработка во рударството и искористувањето на минерални суровини. Чиле има најголеми резерви со бакар во светот и е важен лиферант за Германија.