Фактор: Кој плати милион евра за акциите на ЕБРД во ТТК банка?
Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) минатата седмица продаде 145.584 акции со право на глас во ТТК Банка и за нив наплати вкупно 65,95 милиони денари (околу 1,07 милиони евра), пишува Фактор. Поединечната цена по акција беше 453 денари за акција што претставува најниска цена во период од една година наназад!
Трансакциите, вкупно 9, се случија минатата среда односно на 11 ноември. Тогаш беа истргувани вкупни 10,49 отсто од акциите со право на глас во банката по единствената цена од 453 денари за акција.
Досега на берзата беа објавени само две официјални информации во врска со транскациите од кои втората можеби е, но не мора да значи дека е поврзана со таа продажба.
Првата информацијата беше дека ЕБОР продала 10,5 отсто од своите акции и сега поседува 5,55 отсто од акциите со право на глас.
Втората информација беше дека Глигорие Гоговски, претседател на надзорниот одбор на ТТК Банка купил 3.200 акции во ТТК Банка. Глигорие Гоговски е најголем поединечен акционер во тетовски „Тетекс“ компанија што е најголем поединечен акционер во ТТК Банка и поседува 43,5 отсто од нејзните акции со право на глас.
На интернет страницата на Централниот депозитар за хартии од вредност нема нови акционери кои поседуваат над 5 отсто од акциите во ТТК Банка. Евидентно е дека тие 10,5 отсто се распоредени сега кај акционери кои се под цензусот за задолжителна објава на ЦДХВ.
На 13 ноември ТТК Банка го објави својот биланс на успех на интернет страницата на берзата. Финансискиот резултат е позитивен и банката покажа добивка од 8 милиони денари.
Извор: Фактор