Филипче за придружбата на пациентите: Посетите во ковид-болниците се забранети, надзорот ќе покаже што се случило
Во врска со информациите во јавноста дека роднините на пациентите во модуларната ковид-болница во Тетово биле во чести посети како придружба, министерот за здравство Венко Филипче вели дека мора да се проверат.
-Ако било така зошто било. Во принцип посетите се забранети. Ќе инсистираме на институционален пристап, точна анализа, разговор, по што ќе ги изнесеме сите факти. Ќе видиме од надзорот, рече Филипче.
Тој додаде модуларните болници намерно се прават со ниски прозорци поради брзата можност од евакуација, доколку дојде до потреба за такво нешто.
-Модуларниот центар се предава на болницата, за понатамошно управување и одржување. Апелирам до граѓаните и медиумите да не создаваат паника и недоверба кон самите ковид центри кои значат многу и спасуваат многу животи. Вакви објекти се користат во многу места во светот, пожари се случуваат, и затоа апелирам се чека резултатот од истрагата прво, изјави Филипче.