Цветанов: Детали за притисоците на власта врз граѓаните!

Објавено на 3 март, 2013 во 12:42

Како поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ, а сегашен портпарол на ВМРО-Народна Партија, Ване Цветанов проговори за начинот на кој владеачката партија ги организирала изборните кампањи.

Тој, како поранешен член на владејачката партија, но и дел од тимот на Влатко Ѓорчев бил задолжен за изборната единица број 3 во 2008 и 2009 година, каде облиску  можел да ги види сите скандалозни детали. Според Цветанов, целиот процес почнува 60 дена пред датумот на изборите, јави ТВ ТЕЛМА.

“Прво се  реализира операцијата наречена мотивација на активистите и таа  трае 10 дена. Во тие десет дена се посетуваат сите општински комитети и се лоцираат сите незадоволни партиски војници. Членови на општинските комитети и се разбира активисти на избирачки места. На секој незадоволен му се пронаоѓа слаба точка, и во зависност од човекот или му се ветува некој личен благодет  или пак, преку инструментите на закани преку државните институции се става во потчинета состојба, односно добива статус на лојален, објаснува Цветанов.

Според него во следните 10 дена партиските членови изготвувале  прогноза за секое избирачко место преку анкета од врата до врата. Четиресет дена пред гласањето почнувала  операцијата осигурување сигурни гласови. Секој потенцијален гласач се ставал во посебна целна група и му се барале слабите точки. Во оваа фаза се вклучувале  сите државни функционери.

Цветанов тврди дека локалните раководители на центрите за социјални работи оделе  лично во сите домови на корисници на социјална помош и им се заканувале  со укинување на социјалната помош доколку не гласаат за ВМРО ДПМНЕ.

Локалните раководители од Министерството за земјоделство пак, се јавувале или лично оделе кај земјоделците со закани дека нема субвенции за оние кои нема да гласаат за ДПМНЕ.

“Локалните шефови на полицијата ги пронаоѓаат сите казнети за сообраќајни  и останати прекршоци и следуваат ветувања за кинење на решенијата за казни за секој што ќе гласа за ДПМНЕ. Локалните функционери на УЈП, пазарната и трудовата инспекција се јавуваат кај најголемиот дел од претприемачите и со закани им навестуваат дека ќе добијат список со непослушни вработени, а дека се должни да ги убедат вработените да гласаат за ДПМНЕ, па макар и со закани за откази од работа. Заканата кон фирмите е дека ако не постапат по наредбата, после изборите ќе си имаат работа со инспекциите“, рече Цветанов.

Тој понатаму објаснувајќи го процесот на “изборна кампања“ на владеачката партија вели дека дваесет дена пред гласањето се издавале  финасиски позајмици од страна на фирми блиски до власта. Најчесто се делеле  преку нафта и репроматеријали за замјоделците во просек од по 200 евра по семејство. На најсиромашните им се давале пари, и тоа од 10 до 100 евра по глас. На овој начин според Цветанов, никој па ни ОБСЕ не може да констатира проблеми на денот на изборите затоа што власта веќе ги има обезбедено потребните гласови.

Извор:  ТЕЛМА

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.