Бусек и Хил разочарани од бавната интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ!
Ерхард Бусек, поранешен координатор на Пактот за стабилност смета дека меѓународната заедница не е фер кон Македонија која долго време стои пред портите на ЕУ и НАТО, објави Охрид њус.
-Мислам дека е штета што работите не се придвижуваат нанапред. Јас сум екстремно критичен по ова прашање, особено кон земјите членки на ЕУ кои треба да извршат притисок кон своите партнери, посебно кон Грција за да се придвижат работите нанапред. Сметам дека сегашната ситуација не е фер кон Македонија која е значајна не само како место на карта, туку генерално,-изјави денеска во Охрид Ерхард Бусек.
Поранешниот амбасадор на САД во Македонија, денес професор на Универзитетот во Денвер, Кристофер Хил, вели дека е фрустриран од ситуацијата во која се наоѓа Македонија.
-Како многу луѓе и јас сум по малку фрустриран од бавното темпо на евроинтеграции на Македонија. Се надевам дека Македонија ќе забрза на патот кон ЕУ и НАТО и дека ќе има нови напори во таа насока и попрактичен пристап кон остварување на оваа цел,-рече Хил.
Искусниот дипломат истакна дека многу е важно Македонија да се интергира во меѓународните структури, затоа што фрустрациите кои постојат кај граѓаните можат да се продлабочат во негативни чувства кон евроатлантските интеграции.
-ЕУ не е чудотворен лек кој може да ги излекува сите проблеми на Македонија, но секако може да помогне. Не ја обвинувам Македонија бидејќи за танго се потребни двајца. Сметам дека е потребно да се стави акцент на дипломатијата за решавање на проблемот со јужниот сосед. Се надевам дека тоа ќе биде врвен приоритет затоа што сметам дека е од исклучителна важност за иднината на Македонија таа да се интегрира во ЕУ и НАТО,-рече Хил.
