Апел:Кажаровски да се брани од слобода

Објавено на 8 август, 2013 во 13:50

Иницијативниот одбор за за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски денеска излезе со јавен апел, со кој се повикува Судот да му овозможи одбрана од слобода. Во соопштението се вели:

„Пред почетокот на судењето на нашиот колега Томислав Кежаровски, закажано за в петок во 10 часот во Кривичниот суд во Скопје, упатуваме јавен апел и уште еднаш бараме судот да му овозможи да се брани од слобода.

Не прејудицирајќи ја судската одлука, укажуваме дека Кежаровски ја вршел својата работа како новинар и пишувал за теми кои се од јавен интерес. Судот треба да ја има предвид функцијата на новинарството во едно демократско општество и каков ефект има притворањето на Кежаровски врз слободата на говорот и работата на другите новинари.

Уште еднаш потенцираме дека против одлуката Кежаровски да се држи во притвор повеќе од 70 дена застанаа сложно сите медиумски организации и здруженија и најголем дел од македонската јавност. 

На притворањето на Кежаровски реагираа и многу меѓународни новинарски здруженија и асоцијации, организации за човекови права, странски амбасади во РМ, како и меѓународни институции кои мерката ја оценија како чекор кој е загрижувачки и кој ги намалува демократските капацитети и слободи во Македонија.

Почетокот на судењето е вистински момент судот да застане на страната на правдата, законитоста и Уставот на Република Македонија кој ги гарантира основните слободи и права на граѓаните, слободата на печатот и на изразувањето и да му овозможи на новинарот Кежаровски да се брани од слобода,“ се вели во соопштението- апел до Кривичниот суд од страна на Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.