Насер Селмани : Дајте им униформи и ленти на новинарите
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани е запрепастен од барањето на некои новинари да се воведат лиценци за новинарите, и е разочаран од начинот на кој што се води денешната јавна расправа за Законот за медиуми во организација на Министерството за информатичко општество во „Холидеј ин“ во Скопје.
Како што пренесе А1.он, Селмани му се обратил на министерот за информатичко општество Иво Ивановски со зборовите дека не е коректно министерот да тврди дека новинарските организации кои ја бојкотираат расправата не доставиле забелешки за законот.
– Може да ги обвиниме странците, може да тврдиме дека е заговор, дека ни вршат притисок за името, но реалноста е поинаква. Тој што ги прочитал препораките знае кои се стандардите и дека прашањето е во тоа да ли ќе се гарантира плурализмот или не. Запрепастен сум што новинари бараат да се лиценцираат. Па ајде воведете и униформа за новинарите и по можност некоја трака. Зошто не е транспарентен податокот колку пари Владата троши во медиумите што е одговор од јавен интерес – праша Селмани.
Тој нагласи дека ЗНМ е против регулација на печатот и на интернет медиумите.
„Изминатиов период наместо да се спорат нашите ставови бевме цел на напади, спинови, клевети, навреди. Сметам дека и вие министре, сносите одговорност за спинот што се шири дека експертите имаат различно мислење за законот. Министре, не е проблем законот, ние не дојдовме на ова дереџе поради законите, туку затоа што државата премногу се меша во медиумите. Овие јавни дебати се како лицитација на берза и како да се ценкаме купи-продај, а главното прашање е дали ќе ги почитуваме меѓународните стандарди или не“, рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
.
