Денеска ќе се бара решение за проблемот со црквата во Октиси

Објавено на 30 август, 2013 во 09:16

Денеска ќе се бара решение на спорот околу црквата „Свети Димитрија“ во струшкото село Октиси. Откако пред неколку денови жителите од муслиманска вероисповед спречија да се изврши осветување на темелите на црквата решение ќе бараат митрополит Тимотеј и претставник од Исламската верска заедница а ќе посредува градоначалникот на Струга, Зијадин Села. Градоначалникот барал судот да донесе времена мерка за градбата се додека не се реши проблемот помеѓу жителите од христијанска и од муслиманска вероисповед во селото.

Вчера и невладината Цивил апелираше  жителите на Октиси да се воздржат од секакви насилства и за различните ставови да разговараат и да пронајдат достоинствено и разумно решение а политичките структури и властите да помогнат во надминувањето на меѓуетничките и меѓурелигиски тензии што е нивна законска и морална обврска.

 

„ Бараме од верските заедници да престанат да се мешаат во политиката и никогаш повеќе да не излегуваат во јавноста со изјави кои сеат омраза и предрасуди меѓу луѓето. Нивното однесување последниве години е непримерно и се коси со основите на религиите кои ги претставуваат.

Веруваме дека овие тензии се последица од погрешните политики и од позиција на интереси на политичарите и верските лидери. Оваа констатација произлегува од фактот дека секогаш кога во државата се случуваат настани или процеси кои ја засегнуваат демократијата и владеењето на правото воопшто (Комисијата за 24 декември, спорот со името, изборни процеси итн.), паралелно со тоа растат меѓуетничките и меѓуверските тензии.

Ваквото дивертирање на вниманието на јавноста од овие проблеми е крајно опасно и ги подрива темелите на општеството и државата, развојот и безбедноста, а им нанесува трајни удари на мирот, демократијата и човековите права“, апелираат од Цивил.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.