Ноќеска приведени Паркобраните кај Бристол, денеска просторот под полициска блокада
Полицијата,ноќеска, спроведе акција во која ги приведе Паркобраните, активистите кои во изминатиов месец и дење и ноќе го чуваа паркот во близина на хотелот Бристол со цел да спречат изградба на објект, јавуваат дел од македонските медиуми. Полициската акција била спроведена во 1 часот по полноќ. За неа фотографии и статуси на социјалните мрежи објавија граѓани, станари во околните згради кои живеат во близина на Бристол.
Во центарот на градот се уште е забележливо зголемено полициско присуство а блокирани се и улици. На официјалната фан страна на граѓанската иницијатива Паркобрани има објавено статуси во кои е напишано дека над 400 припадници на специјалните полициски сили го “окупира” центарот на градот и уапсиле десетина активисти кои биле собрани во паркот каде што е планирано да се изгради административен објект.
Информацијата за апсењето на активистите се уште не е официјално потврдена од полицијата, но на терен не е дозволен пристап ниту какво било снимање во близина на случувањата, пишуваат медиумите.
На видеа снимени од становите на локалните жители и објавени на Јутјуб во паркот околку Бристол се поставува ограда и се подготвува за градба.
А1 он објави дека ноќеска меѓу 11-те приведени и ослободени Паркобрани биле советник во општина Центар и директорот на јавното претпријатие Паркинзи Центар. Потоа во полициската станица биле градоначалникот Андреј Жерновски и претседателот на Советот Мирослав Шиповиќ. По пет часа во притвор следело ослободување на Паркобраните кои заработиле прекршочни пријави.
Телеграф пишува дека денеска просторот кај Бристол е под полициска опсада. Присутни се полицајци во целосна опрема има огради, тараби, полициски транспортери. За сообраќај, па и за пешаци, затворени се дел од улиците Македонија, Даме Груев и дел од булеварот Свети Кирил и Методиј.
