Блер: Иднината им припаѓа на оние со отворен ум

Објавено на 2 октомври, 2013 во 22:02

Поканет од Субрата Рој, поранешниот британски премиер Тони Блер, е гостин во Македонија на Мировниот балкански фестивал кој официјално, го организира фирмата на индискиот бизнисмен. Блер заедно со Субрата Рој и владиниот врв, во новиот „Стар театар“ беа дел од свеченоста на „Сахара Груп“. Поранешниот британски премиер рече дека Македонија сега не е симбол на проблемите на Балканот, туку симбол на решението. Тој и честиташе на Македонија за направениот напредок и за тоа што е првата земја домаќин на фестивалот.

– Вистинската разлика денеска е помеѓу оние што имаат отворен ум и оние што имаат затворен ум, на оние што го гледаат светот воден од можностите за поврзаност и глобализација и оние коишто сакаат да се затворат и да се изолираат од таа глобализација и она што не зближува го гледаат како закана. Јас не сум песимист за светот во кој живееме. Секогаш сум оптимист и мислам дека секогаш во себе можеме да ја најдеме силата да ги надминеме предизвиците, нагласи Блер.

Честитајќи им на организаторите за иницијативата да се организира еден ваков настан, Блер рече дека нема подобар ден да се прослави идејата за отворениот ум, отколку денешниот ден.

– Македонија е важна земја во која навистина слободно се истакнува тоа чувство, бидејќи овде во Западниот Балкан во текот на минатите години имаше толку многу конфликти и потешкотии и понекогаш луѓето стануваат цинични и песимистични во однос на тоа дали е можен прогрес и напредок. Но размислите за минатото и видете колку е подобра сегашноста од тоа што било порано и потоа размислете колку подобра може да биде иднината. Оваа прослава на мирот не е само прослава на емоции, тоа е всушност прослава на моќта на човечноста да го користи разумот за да ги надмине проблемите и да продолжи понатаму кон поголем прогрес, нагласи Блер.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.