ДВ: Во Љубаништа ќе се гради туристичка зона, кој ќе профитира?
Државата реши во Љубаништа да гради туристичка развојна зона. Жителите се против експропријација на земјиштето и сакаат да си ги зачуваат имотите или тие реално да се проценат, објави Дојче веле.
Љубаништа село лоцирано само неколку километри пред прочуениот манастир Свети Наум со месеци не се симнува од насловите по медиумите во Македонија и пошироко. Владата на РМ пред околу две години ја обзнани идејата за големата инвестиција во Љубанишко поле и градбата на туристички комплекс финансиран од индискиот бизнисмен Субрата Рој. Лавината од реакции и проблемите со кои се соочи Рој во сопствената земја – притворот, судирот со власта и одземањето на пасошот како малку да ги потсмирија духовите дека во Љубаништа ќе се гради. Уште е неизвесно дали проектот „Сахарајан Македонија “ ќе успее. Независно од тоа Владата на РМ со желба да ја развива економијата преку туризмот пред пратениците достави Закон за туристички развојни зони кој стапи на сила уште на 9 ноември 2012 година. Со овој закон се уредуваат погодностите за инвестирање во идните туристичките развојни зони низ Македонија. Утврдена е постапката за отуѓување на градежното земјиште за посебна намена за изградба на туристичките развојни зони, начинот и постапката за основањето, развојот и дејностите кои се вршат во туристичките развојни зони.
Граѓаните не сакаат да го отуѓат имотот
Голем дел од преостанатите жители во Љубаништа и нивните роднини кои претежно живеат во Охрид не ја разбраа намерата на државата. Некои од нив побрзаа да ги средат имотните листови и да чекаат на готовс парцелите да ги продадат по висока цена на Индиецот Рој. Други уште тогаш гласно негодуваа, но, како и сега не сакаат нивниот идентитет да се знае. Решени се земјиштето да не го продаваат по ниту една цена. „Сакаме да им го оставиме во наследство на нашите деца, како што нам ни го оставиле нашите родители. Не сакаме да го отуѓиме имотот.“ Други велат дека зоната ќе значи крај за селото, а власта смета дека токму таа ќе ја раздвижи „заспаната“ економија во овој дел од Македонија. Во изјава дадена за ДВ уште одамна и митрополитот Дебарско – кичевски Тимотеј чиј црковен имот граничи со парцелите на кои ќе се гради туристичката развојна зона рече дека ниту за еден милион долaри за квадрат не би отуѓил ни педа од црковниот имот.
Текстот во целост прочитај го тука.
