Почина и вториот кочанчанец заразен од опасната листерија

Објавено на 6 август, 2014 во 08:40

Освен 55-годишната жена, уште едно лице од Кочани почина од опасната листерија. Последниот месец од смртоносната бактерија во Македонија заболеа 8 лица, од нив четворица починаа, а двајца од починатите се од Кочани,јави телевизија Канал 8.

Одложеното објавување на изворот на бактеријата и починувањето на уште едно лице од Кочани заразено од опасната бактерија кај луѓето предизвика паника. Од Центарот за јавно здравје во Кочани смируваат. Освен двајцата починати ново примени лица заболени од бактеријата нема, информира д-р Натка Каранфилова, специјалист – епидемиолог.

Инаку, постојано се одложува објавувањето на изворот на бактеријата листерија. Експертите велат дека резултатите од мострите кои се испитувале во неколку лаборатории можело да бидат познати за неколку дена и дополнуваат дека таа пракса на прикривање на податоците е на штета на компаниите кои работат чесно и според потребните правила.

Стравот од листерија и фактот што една од можните извори на зараза е месото и преработките, продажбата на месо и месни производи во Кочани ја намали за околу 40 %. Опасната бактерија може да го разболи човекот најрано за 15 дена, но дури и по 70 дена кога со храна ќе биде внесена во организмот. Не се пренесува од човек на човек, но смртноста е многу висока.

Причинителот го има насекаде, но веројатноста да се добие болеста е повисока кај постари лица, бремени жени и лица со послаб имунитет. Веднаш по внесувањето во организмот може да не даде никакви симптоми. Кај здрави лица со подобар имунитет заболувањето поминува со полесна клиничка слика, дијареа, зголемена температура која трае неколку ден и спонтано поминува.

Лекарите и понатаму апелираат во летните месеци да се намали консумирањето на сувомеснати производи, како и на млечните кои се направени од непастеризирано млеко, бидејќи листеријата, за разлика од останатите бактерии живее во поголем температурен распон, и додаваат дека лошо е што бактеријата толерира ниски температури и сол, затоа може да преживее во преработена и конзервирана храна и во храна што се чува во фрижидер. Да се внимава и на консумирањето на путер и кремови, замрзнато месо, овошје и зеленчук и директен контакт со заразени животни.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.