ДВ: Единаесет години Охридски рамковен договор
Поради недостиг на волја и визија за негово спроведување, Охридскиот договор се сведе на најбезобзирна компромитација на процесот на правичност, оценуваат аналитичарите за Дојче веле.
Македонија денеска одбележува тринаесет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Во 2001 година потписот врз тој документ значеше директен прекин на огнот во воениот конфликт и крај на црниот биланс на загинати – на едни во одбрана на уставниот поредок на земјата, на други, како што декларираа, во борба за права. Договорот беше парафиран на 10 август во Охрид, а официјално потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски и тогашните партиски лидери: на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, на ПДП Имер Имери, на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери, а во присуство на олеснувачите од ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
Иако Договорот влезе во втора декада од спроведувањето, неговата реализација главно се фокусира на правичната застапеност при вработувањата. Другите сфери се целосно занемарени. Муса Џафери, актуелен вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор, кој неколку мандати помина на истата функција, смета дека сега е „крајно време“ да се отвори сериозна дебата околу ова прашање.
„Кај македонската страна постои мислење дека имплементацијата е спроведена и оти со некои барања албанската страна сака да излезе од договорените рамки. Албанската страна, пак, верува дека договорот рестриктивно се применува и дека се’ уште не е завршен овој процес“, вели Џафери.
Прва странска инвестиција
Во „солзите“ на Џафери денес ретко кој верува. Договорот надживеа тројца од неговите потписници, но суштински не заживеа. Такви се и впечатоците на соговорниците на Дојче веле.
По 13 години процесот од Охрид донесе мир, ги нормираше минимумите кои ќе ја исклучат етничката супремација, но како и секоја норма не произведе нов дух на толеранција и соживот, вели Оливера Трајковска, новинарка која во телевизиски дебати ги има анализирано сите сегменти на овој документ и степенот на нивна имплементација.
„Таа задача елитите ја разбраа како ДДВ на македонскиот етноцентризам, формула што по автоматизам и обезбедува на албанската елита пристап до ‘ресурсите’ и најбезобзирна компромитација на процесот на правичност. Рамковниот договор беше првата вистинска странска инвестиција во Македонија. Властите тогаш се занесуваа дека неговиот успех може да го претворат во извозен продукт, а за жал, денес договорот за мир нема сила да ги превенира ни последиците од секојдневните ‘ладни проби’ за нов конфликт“, оценува Трајковска.
Според неа, договорот од Охрид остана рамка без слика, бидејќи двете страни не веруваат оти е возможна таква слика на нова интегрирана Македонија.
„Напротив, симултаниот превод на елитите на духот на договорот уште посилно ги зацврсти стереотипите, недовербата и ја претвори државата во партиски посед на две корумпирани корпорации ДПМНЕ и ДУИ. Сепак, ако се погледне наназад во изминатите 10 години, македонската политика не произведе ништо вредно за Европа, освен почетниот ентузијазам во имплементацијата на Рамковниот, напор за кој Европската комисија ни го додели кандидатскиот статус. Ние не сме на добар пат не поради рамката, туку поради недостигот од визија за имплементација. Економската нееднаквост, битката за парите во заедничката каса во периодот пред нас, многу посилно ќе ги исцртаат новите предизвици, отколку употребата на јазикот или опсегот на Бадинтер. За тој процес елитите не се подготвени. Апсурдно, имаа политичка волја за амнестија на хашките случаи – токму најжешкиот костен кој не е дел од Договорот во Охрид, но стана темел на договорот Ахмети-Груевски кој станува посилен и од уставните норми кои ги произведе Рамковниот. Таа колаборација ќе продолжи да ги разјадува слабите дострели во имплементацијата затоа што за нив обврските од Охрид се правична застапеност на елитите во грабежот“, децидна е Трајковска.
Текстот во целост прочитај го тука.
