Втор уписен рок во средните училишта
Во средните училишта низ Македонија денеска е втор уписен рок и нова можност за осмоодделенците кои не се запишаа во средно на двете пријавуња во јуни. Резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени утре на огласните табли во училиштата.
Според податоците на Министерството за образование и наука, во вториот, августовски рок, има вкупно 20.089 слободни места. Од нив, 13.347 се за настава на македонски јазик, 5.969 на албански, 739 на турски и 34 на српски наставен јазик.
МОН информираше дека во сите општини во Република Македонија има слободни места за запишување на ученици во вториот уписен рок.
Министерот Абдилаќим Адеми на прес-конференција апелираше до сите осмоодделенци да изберат стручно образование, бидејќи се поголем број компании бараат добро оспособен и технички едуциран кадар, кој може да одговори на предизвикот на брзиот развој на технологијата.
