Будни и обединети за ослободување на новинарот Кежаровски
Колеги новинари, од различни генерации, јавни личности уште еднаш синоќа ја искажаа поддршката и солидарноста за притворениот новинар Томислав Кежаровски. Со него од синоќа се уште 300.000 новинари од Меѓународната и Европската федерација на новинари кои застанаа со поддршка за Кежаровски, а нивните претставници синоќа во Клубот на новинари ја изразија солидарноста со македонскиот новинар, јави Локално.мк.
Претседателот на Европската федерација, Мојенс Бјерегард повика на обединување на сите новинари и нивно активирање за да се ослободи Томислав Кежаровски.
Тој кажа дека во текот на денот го посетил притворениот новинар, и нагласи дека многу е важно да не прекине борбата за слобода на медиумите и новинарите да можат да си ја вршат својата работа.
-Борете се за истражувачкото новинарство, ќе ја добиете поддршката од сите нас, зашто тоа е многу важно. Македонските новинари овде се изложени на многу предизвици, но единствен начин да се успее е да се бориме без прекин, само да се бориме, и ајде заедно да го направиме тоа, за подобри услови за новинарите, за медиумите, за слободата на изразување. Власта во сите земји знае дека ние ќе направиме се за да има истражувачко новинарство, рече Бјерегард.
На хуманитарната вечер во Клубот на новинари, претседателот на ЗНМ повика на будност пред пресудата од Апелациониот суд, за новинарот Томислав Кежаровски кој сеуште е во домашен притвор.
-Апелациониот суд на 24. октомври ќе ја разгледа неговата жалба, без разлика на одлуката, ние како колеги треба да сме подготвени, каква и да е одлуката, треба да сме подготвени да реагираме. Затоа ве повикувам да бидеме будни и да реагираме така како што досега сме реагирале, рече Селмани пред новинарите од Македонија и преставници од повеќе држави од Источна и Централна Европа како дел од Меѓународната и на Европската Федерација на новинари.
За вчерашниот настан со отворено писмо беше поканет и претседателот Ѓорге Иванов, но тој како и што се очекуваше, не се појави.
