Короната стивнува, вакцината Фајзер пристигнува во земјава
31.12.2020
Во изминатиот период евидентно е намалувањето на притисокот врз болниците и на бројот на новодијагностицирани. Вчеравечер беа регистрирани 493 нови случаи, а починааа 15 лица.Според извјавата на министерот за здравство пред три дена е било забележано дека немало ниту еден нов прием на болни од ковид-19 вирусот.
-Бројките значајно се намалуваат. Значително се намалуваат новодијагноцираните на ден, се намалува факторот на преносливост и се намалува бројот на пациенти кои треба да се хоспитализираат.
Но, не се исклучува можноста да има некој минипик и понатаму како резултат на непочитувањето на мерките. Нашиот здравствен систем е подготвен да пресретне и следен бран. Верувам дека граѓаните ќе продолжат совесни да се однесуваат и дека ќе нема криза, но подготвени сме да пресретнеме таков бран. Затоа, апелирам до сите празнувајте одговорно и помогнете си на себе, на вашите најблиски, на здравствените работници, на сите нас!, вели Филипче.
Вакцината Фајзер пристигнува во земјава
Република Северна Македонија во февруари ги добива првите дози на Фајзер вакцината, објави министерот за здравство, Венко Филипче.
Според него, денеска попладне постигнат е директен договор со компанијата, а количината ќе биде позната во текот на следните недели.
„Следните дози од вакцината на Фајзер ќе пристигнат во март и април. Министерството за здравство продолжува разговори за обезбедување вакцини и преку преговори со земјите членки на ЕУ како и преку Ковкакс механизмот од каде се очекува распоредот и датумот за дистрибуција на првите количини. Ова е одлична вест за сите граѓани и прв чекор кон конечна победа над пандемијата“, истакна министерот.
Ќе стигне и руската вакцина „Спутник“
„Точно е дека рускиот амбасадор ја понуди вакцината „Спутник“, но во тој момент таа беше во третата фаза на клиничките испитувања, односно не беше во фаза со која се гарантира безбедноста. Сепак, понатаму ќе ја добиеме и неа“, рече Филипче.
Укината забраната за авионските летови од Велика Британија
Се укинува забраната за авионските летови од Велика Британија и Северна Ирска во Република Северна Македонија која важеше до крајот на 2020 година, објавија од Владата.
„Владата на Република Северна Македонија на денешната 36-та седница донесе одлука за укинување на забраната за авионските летови од Велика Британија и Северна Ирска во Република Северна Македонија која важеше до крајот на 2020 година, како и задолжителната мерка за самоизолација на патниците што доаѓаа од овие дестинации во рок 14 дена“, соопштуваат од владината прес-служба.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 82794, бројката на оздравени пациенти е 60706, на починати е 2488, а бројот на активни случаи изнесува 19600.