Вакцините од Србија нема да пристигнат денеска, испораката е одложена за неколку дена подоцна
11.02.2021
Испораката на вакцини, кои Србија требаше да ги донира на Северна Македонија денеска, е одложена за неколку дена, соопштија од македонската Влада и Службата за соработка со медиуми на претседателот Вучиќ.
Од Владата, пред полноќ, соопштија дека, поради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините, настанот се одложува за друг датум следните денови.
Од Кабинетот на Вучиќ дадоа слично соопштение, дека донирањето на вакцините е одложено „поради неопходност за набавка на дополнителна техничка документација, а вакцините ќе и бидат предадени на Северна Македонија во наредните денови“.
Претходно беше најавено дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на граничниот премин Табановце ќе му го предаде на премиерот Зоран Заев, првиот контингент вакцини што Србија и ги донира на Северна Македонија. Станува збор за првата пратка од вкупно 8.000 вакцини на „Фајзер“.