Сеопфатно сексуалното образование влегува во училишните клупи, ќе биде изборен предмет
24.02.2021
Сеопфатното сексуално образование идната година ќе стане дел од наставната програма во основните училишта. Реакциите во јавноста се поделени додека едни го одобруваат, други коментираат дека се уште е рано за ваков проект. Не е воопшто лошо што луѓето си имаат замисла за тоа што претставува сексуалното образование, жално е ако не отворат ум и уши за да слушнат што навистина сакаме да ги научиме младите, вели за „Локално“ едукаторот по ССО, Дарко Милошевски од ХЕРА.
-Со сеопфатното сексуално образование ќе се дополни едукацијата од областа на репродуктивното здравје, граѓанските права, насилството како и заемната почит на партнерите. Свесни сме дека на младите им треба поголема едукација кога се работи за нивниот сексуален живот. Не секогаш учениците би се обратиле кон родителите или наставникот за одговор; попрво би му се обратиле на Интернетот. Веруваме дека сеопфатното сексуално образование ќе им даде одговор на многу прашања без притоа да оставиме сексуалното и репродуктивно здравје и права да бидат табу теми, објаснува Милошевски.
Тој вели дека учениците ќе се охрабрат да дискутираат на одредени табу теми без никаков срам или страв.
-Младите се желни да научат што повеќе за нивното репродуктивно и сексуално здравје – ССО им ја дава таа можност. Ќе научат да препознаваат сексуално насилство, но и каде да се обратат во таков случај. Ќе научат кои се нивните граѓански права и кои права ги немаат маргинализираните групи на граѓани. Ќе научат да препознаваат одредени симтоми и да одат кај вистинскиот доктор. Ќе научат да го почитуваат како своето тело и ќе разберат како медиумите манипулираат со нивната перцепција за родовите идеали, вели врсничкиот едукатор од ХЕРА.
Милошовски објаснува дека од Интернетот младите може да добијат точни или погрешен одговор, па затоа потребно е младите да се охрабрат и да дискутираат на оваа тема со нивните пријатели, роднини и со стручни лица.
-Да не оставаме сами да носат одлуки само со помош на Интернетот. Многу е битно да се стекне довербата на младиот човек за да може слободно да дискутира за она што го интересира. Младите имаат голем број на информации поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, но тоа не значи дека можат да ги применат во приватниот живот. Токму затоа, ССО нуди релевантни податоци од стручни лица кои се поткрепени со факти, објаснува Дарко.
Наставникот ќе ја контролира дискусијата на часот, од граѓанската организација ХЕРА, велат дека пилот-проектот планирано е да започне во септември 2021 година во четири училишта, како изборен предмет, по дадена согласност од родител или старател.
Сеопфатното сексуално образование ќе биде изборен предмет
Од Министерството за образование објаснуваат дека воведувањето на сеопфатно сексуално образование во основните училишта, ќе значи унапредување на родовата еднаквост, инклузивноста и толеранцијата, но и превенција од сексуалното вознемирување и насилството.
Оттаму информираат дека вкупно 14 наставници ќе го предаваат предметот,а наставната програма ќе биде реализирана во 36 училишни часа.
