Бранко Азески: Патот од Охрид до Свети Наум не е допрен 50 години
24.02.2021
За да имаме туризам, потребни се дијалог, визија и стратегија за реализирање на визијата, анализира претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во колумна објавена на веб-страницата на Комората. Тој вели дека еклатантен пример за нашето неодговорно и непрофесионално однесување е меѓународниот пат Охрид – Свети Наум, кој поврзува две држави кои претендираат да бидат членки на ЕУ.
– Изграден кон крајот на шеесеттите години, тој пат и денес претставува сериозна опасност за секој патник, за секое возило и е пример за човековата негрижа, за што никој не одговара. Целината на трасата не е променета 50 години, освен со два исклучока, со кои, практично, е задржан костурот на неговата почетна градба. Широк само 5,5 метри, подјаден од сите страни, со што неговата ширина не изнесува ни 4 метри, со неколку свои нерамнини, бил причина за смртта на многу невини луѓе, за уште поголем број повреди и за огромни материјални штети. Нема поголема негрижа од тоа непрегледноста на патот да може да биде решена со получасовна интервенција на една обична градежна машина, а да не се направи тоа – забележува Азески.
Тој изнесува и неколку иницијативи за развој на туризмот, насочени конкретно кон Охрид. Предлага охридската гимназија да стане претседателска резиденција, да се обнови Длабокорезбарската школа, а потенцира и дека Охрид има одлични услови за здравствен туризам. Во Охрид во осумдесеттите години, потсетува тој, покрај општата болница, постоеше и специјализирана болница за ортопедија и трауматологија, во која оперираа неколку врвни здравствени авторитети од светот, предводени од нобеловецот д-р Илизаров, најпознат во светот по методот за продолжување на екстремитетите кај децата. Постоеше и Завод за рехабилитација за срцеви заболувања, како и Специјализирана установа за детски заболувања.
– Ако на тоа се додадат и Центарот за нефрологија, на 10 минути од Охрид, и Болницата за белодробни заболувања во Отешево, на 30 минути од Охрид, слободно можам да кажам дека таква концентрација на специјализирани здравствени установи немаше никаде на просторите во СФРЈ. Денес дел од нив егзистираат на работ на рентабилноста – вели Азески.