Заев: Холокаустот е најголемото злосторство, а сеќавањата на жртвите секогаш ќе биде наша должност

Објавено на 11 март, 2021 во 08:50

159228850 10159524679422932 4470319715361869079 o

11.03.2021

Денеска ја одбележуваме 78-годишнината од депортацијата на нашите сограѓани, македонските Евреи, во нацистичките логори на смртта. Оваа трагедија е длабоко врежана во колективната меморија на македонските граѓани и ги испиша едни од најмрачните страници во историјата, напиша Зоран Заев на својот Фејсбук профил.

-Со сеќавањето на жртвите од овој ужасен злочин со кој 7.144 македонски Евреи беа погубени во логорот „Треблинка“, и кога им оддаваме помен и на останатите шест милиони невини еврејски мажи, жени и деца, се соочуваме со последиците на ова ѕверство и жалиме за сите семејства кои беа погубени, жалиме за роднините, жалиме за соседите, жалиме за целата еврејска заедница во нашата земја.

Нашата обврска, на секој од нас, е засекогаш да остане запаметен овој антицивилизациски акт со сиот негов ужас, како предупредување и лекција од минатото. Лекција која добро треба да се знае за предвреме да се пресретнат сите форми на зло и сите опасности, кои на било каков начин можат да ја засенат нашата заедничка иднина и градењето на еднакво општество за сите.

Холокаустот е најголемото злосторство во современата историја на човештвото, а сеќавањата на жртвите секогаш ќе биде наша должност – Никогаш повеќе да не се повтори!

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.