Џафери до пратениците: „Не е ваше Собранието, на граѓаните е“
16.04.2021
Во тензична атмосфера заврши вчерашниот ден во Собранието. Иако беше најавено дека ќе биде изгласан пакетот и законите тие не поминаа.
Спикерот Талат Џафери во неколку наврати тврдеше дека не го води собранието како обложувалница туку како државна институција.Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ чекаа пред салата и бараа од него да ја прекине 32. седница и да ја почне 36. седница, на која на дневен ред се законите од петтиот пакет економски мерки.
Џафери на пратениците им порача дека додека е тој претседател не треба ни да помислат за контрола врз Собранието.
„Додека сум јас претседател на Собранието не можете да мислите и да сонувате на контрола врз Собранието. Не е ваше Собранието, на граѓаните е. Јас токму се борам и ќе се изборам до крај“, порача Џафери.
Џафери уште неколку пати ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои беа пред вратата , на крајот, кога не успеа да ги внесе, ја прекина работата на Собранието.
Тој констатираше дека Собранието е забарикадирано и како што рече, условено во одлуките, ја прекина седницата и побара карантин, бидејќи имало инфицирани пратеници.
„Очигледно забарикадирано во одлуките, Собранието е условено за начинот на работа, а очигледно вака ако одат бројките со инфекцијата, утре имаме претседателство на Собранието, веројатно ќе биде тема, една од точките и прашањето за карантин за Собранието па не се смеј.. што се смејш, што да правиме, мора да објавиме карантин за Собранието, а има инфекции,овде ја прекинувам работата, за продолжување на седниците, дополнително ќе бидете известени“, рече Џафери .