Маж лажно пријавил наводен обид за киднапирање малолетничка, го измислил настанот водејќи се од лажните објави

Објавено на 17 ноември, 2023 во 10:03

Полициски службеници од СВР Скопје, вчера, го лишија од слобода педесет и три годишниот Џ.Г. од Скопје поради лажно пријавување. Имено, вчера околу 19 часот Џ.Г. во СВР Скопје пријавил дека наводно во Скопје две лица со комбе „мерцедес“ се обиделе да грабнат малолетничка , но не успеале.

Веднаш по добиената пријава, полициски службеници преземале соодветни мерки и активности и утврдиле дека пријавата е лажна односно нема таков случај.

Потоа, со пријавителот е извршен службен разговор во кој тој признал дека го измислил настанот, водејќи се од лажните објави кои деновиве се споделуваа на социјалните мрежи за наводни киднапери.

Во консултација со ОЈО Скопје, Џ.Г. е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Пред два дена, полицијата ги демантираше лагите кои некои лица ги пласираат преку социјалните мрежи за некакви наводни киднапери.

Oд полицијата се децидни дека нема ниту едно одземено дете, ниту било какви киднапери.

Ова следува откако на социјалните мрежи од вчера масовно се споделуваше фотографија на која се наоѓаат пет лица, со текст дека истите се киднапери на деца и дека се наоѓаат на територија на Скопје и скопско.

Голема е бројката на лица кои вечерва поверуваа дека во група од пет лица киднапираат деца и дека треба да се внимава.

Во коментарите на фотографијата можеше да се прочитаат коментари во кои се повикува полицијата да интервенира.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.