МОН објави девет конкурси за стипендии за средношколци за 2026/2027 година

Објавено: 8 октомври, 2026, во 08:32 часот
Фото: Архива на Дума.мк

Министерството за образование и наука објави девет конкурси за доделување стипендии за ученици во средните училишта за учебната 2026/2027 година.

Најмногу стипендии, односно 1.570, се наменети за ученици запишани во дуални паралелки, односно во стручно образование во кое практичната настава се реализира со зголемен број часови согласно програмите за стручно образование.

Предвидени се и 900 стипендии за социјална поддршка на ученици од јавните средни училишта, 300 стипендии за ученици од средното образование со издвоени наставни програми и 180 стипендии за ученици со посебни потреби од јавните и приватните средни училишта.

По 150 стипендии ќе бидат доделени на ученици кои следат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование во траење од три години, на талентирани ученици-спортисти од јавните и приватните средни училишта, како и на талентирани средношколци, со исклучок на учениците од областа на уметностите.

МОН објави и конкурси за по 50 стипендии за ученици без родители и за талентирани средношколци од областа на уметностите, кои се образуваат во јавни или приватни средни училишта.

Условите за аплицирање и начинот на поднесување на пријавите се наведени во конкурсите објавени од Министерството за образование и наука.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.