Намален водостојот на езерата, Преспанско речиси два метра под повеќегодишниот просек
Објавено на 18 август, 2022 во 11:21
За два сантиметра е намален водостојот на Дојранското, а за еден на Преспанското Езеро во споредба со вчера, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Земјава денес ја зафати топол бран кој според синоптичарите ќе донесе температури од над 40 степени, што би можело уште повеќе да влијае врз водостојот на езерата.
Во однос на повеќегодишниот просек за август, нивото на Дојранското Езеро е за 2,48 метри повисоко, додека водостоите на Преспанското и на Охридското Езеро се пониски од просечните и тоа за 1,82 метра кај Преспанското, односно за 11 сантиметри кај Охридското Езеро, велат од УХМР.
Најчесто пониски од просечните за овој период од годината се и нивоата на реките во земјава.