Oпределена мерка притвор за полицајците и царинските службеници кои вчера беа уапсени во големата акција на МВР

Објавено на 22 декември, 2021 во 10:12

Кривичниот суд определи мерка притвор за полициските службеници и царинските службеници кои вчера беа уапсени во големата акција на МВР.

„По произнесување на надлежниот јавен обвинител и осомничените во присуство на нивните бранители во однос на предлогот, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот и на 8 од осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на еден од осомничените му определи мерка притвор во траење од 8 дена со оглед дека против истиот е поднесен предлог во скратена постака“, велат од Кривичниот суд.

Според решенијата за определување мерка притвор, судот сметал дека се исполнети условите од чл. 165 ст.1 т 1. 2. и 3. од ЗКП односно дека кај осомничените постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да ја попречат истрагата и опасност да го повторат делото.

Како што информираа од МВР, приведени се десет лица на возраст од 35 до 54 години, од кои петмина од Куманово, четворица од Скопје и едно од Тетово, меѓу кои и тројца полициски службеници и петмина царински службеници.

Деветмина од нив се сомничат дека извршиле кривично дело шверцување, а тројца дека сториле и кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

При претрес кај едно од лицата бил пронајден и одземен кокаин.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.