Организации од БиХ, Црна Гора, Македонија, Србија и Хрватска сакаат да лансираат летало во вселената, чекаат Индија да им подари сателит
Пет партнерски организации од Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Хрватска до крајот на годината планираат да го лансираат првиот заеднички сателит од овој регион испратен во вселената, објави босанскиот јавен радиодифузен сервис БХТВ. Иницијативата доаѓа по основањето на Вселенската асоцијација на Југоисточна Европа, а планирано е Индија да ѝ подари сателит на Асоцијацијата во чест на прославувањето на 75-годишнината од независноста на земјата.
На ваквата идеја работат Центарот за едукација и роботика, иновации и технологии од Мостар, Комитетот за развој на вселенска програма од Нови Сад, Montenegro Space Research од Подгорица, Adriatic Aerospace Association од Загреб и Центарот за иновации и технолошки развој НАВИА од Скопје.
„Сите сме многу горди што издвојуваме и сопствено време и што имаме иста цел да напредуваме и ја прошириме таа вселенска програма во сите земји од регионот“, изјави Анес Хаџиомеровиќ од Центарот за едукација и роботика, иновации и технологии од Мостар.
Никола Перковиќ од Montenegro Space Research вели дека ако се поделат трошоците на пет дела, така што на пример Црна Гора би се насочила кон развојот на ракета, Хрватска кон комуникацијата, Србија кон горивото итн., тогаш ова е идеална шанса и ова може да биде сериозна приказна.
Инаку, главната цел на сите пет невладини организации од регионот е едукација на младите. Засега тие немаат помош од институциите од Балканот, но и додаваат дека вселенската технологија е комплексна област која што изискува одредени ресурси, до кои полесно се стигнува ако се настапи заедно.