Ад-хок комисијата ќе ги разгледува снимките од парламентот!
Ќе се разгледуваат сите снимки од парламентот од 24 декември и ќе се побара мислење за дополнителни снимки од политичките партии, најави денеска претседателот на ад-хок комисијата за расчистување на случувањата, Борче Давитковски, пренесе Плусинфо.
Во изјавата што ја даде за медиумите тој рече дека ќе ги користат сите методи и оти ќе се разгледуваат официјалните видео снимки од Собранието и видео материјалите што ги имаат политичките партии.
– Ќе земеме стенограми, официјални видео снимки од Собранието, но ќе ги користиме и видео снимките од политичките партии. Тие сигурно ќе достават свое видување и затоа им дадовме четири до пет дена за да го дадат своето видување за настаните во вид на извештај. Во секој случај, сè она што е во функција да се открие вистината, да се утврдат фактите. Ние сме експертска комисија и мора да ги утврдиме фактите – истакна Давитковски.
Комисијата, се очекува да го запази рокот од два месеца за подготвување на Извештајот за настаните од 24 декември минатата година.