Порибена река Тополка со пастрмка
Објавено на 29 декември, 2021 во 12:31
Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ Велес и оваа година пред новогодишните празници го изврши традиционалното порибување на река Тополка.
Порибени се 90 килограми рибен подмладок од видот пастрмка. Рибата е со просечна тежина од 50 грама и е пуштена во река Тополка на три локации.
Ова порибување е редовна обврска на ЗСР„Бабуна“ со средства коишто се обезбедуваат од рекреативните риболовци преку нивните дозволи за риболов.
Годинава, во ревирот на ЗСР „Бабуна“ поточно во реките Вардар и Црна Река како и на велешко езеро „Младост“ порибени се уште 2,5 илјади килограми рибен подмладок од видот крап. За порибувањето чија вредност надминува 500.000 денари издвоени се од буџетот на здружението.
Лазар Лазаровски