ССНМ одбележа 15 години постоење

Објавено: 17 декември, 2025, во 15:55 часот

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници вчера вечер, 16 декември, со свечена седница го одбележа јубилејот 15 години од основањето на организацијата.

На свечената седница беа присутни најголем дел од членовите на раководните тела на ССНМ низ годините, почнувајќи од иницијативниот одбор, па се до актуелниот Извршен одбор на организацијата.

Претседателот Павле Беловски се обрати на седницата со краток говор во кој ја илустрираше историјата и развојот на синдикатот низ годините.

Тој потенцираше дека и покрај тешкотиите со кои се соочувала организацијата денес е застаната на здрави основи и претставува значаен чинител во медиумската заедница.

„Постоењето на ССНМ е важен елемент во одбраната на слободата на говорот бидејќи без одбрана и заштита на работничките права на новинарите и медиумските работници не е можно да имаме професионални медиумски производи“, рече Беловски.

Тој им се заблагодари на сите кои учествувале во работата на ССНМ, како и на членовите за кои рече дека се основата на секоја синдикална борба.

Петнаесетгодишниот јубилеј беше искористен и за доделување на благодарници за значаен придонес во основањето и развивањето на синдикалното движење на новинарите и медиумските работници во Македонија.

„Сметам дека сериозни организации мораат да ја негуваат институционалната меморија. Да знаат и учат што правеле оние претходно. Затоа е важно да се одбележува и цени придонесот на поединците во развојот на ССНМ“, рече Беловски.

Благодарници им беа доделени на првата претседателка на ССНМ, Тамара Чаусидис, вториот претседател Ѕвездан Георгиевски, како и пост-хумно на синдикалниот претставник во ТВ Алфа, Сашо Михајловски.

„Со оглед на тоа што ССНМ продолжи со својата мисија чувствувам дека сум направила нешто во животот. Важна е идејата, и очигледно потоа се наоѓаат луѓе да ја преземат и да продолжат. Исполнета сум што ССНМ сега е респектабилна организација“, рече Чаусидис по примањето на благодарницата.

„Многу сум горд на синдикатот и што можев да помогнам во еден навистина тежок период. Морам да кажам дека сепак, тоа значеше дека ССНМ стои на некакви основи. Отсекогаш сум мислел дека треба да има посебен новинарски синдикат. Мило ми е ако помогнав, ете се случи и јас да го потпишам првиот колективен договор во медиум и мило ми е што оваа организација се шири и се развива“, рече Георгиевски.

На седницата беше искажана и благодарност за поддршката низ текот на годините од Меѓународната Федерација на новинари и Европската федерација на новинари каде што ССНМ е полноправен член повеќе од 14 години.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е основан на 12 ноември 2010 година како резултат на дведецениската потреба за заштита на правата на медиумските работници.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.