Марин Рајков, нов премиер на Бугарија!
Објавено: 12 март, 2013, во 22:33 часот
Дипломатот Марин Рајков е избран за преоден претседател на Владата на Бугарија.
Го именува бугарскиот претседател Росаен Плевнелиев.
На чело на преодната влада ќе биде се до предвремените парламентарни избори на 12 мај годинава.
Изборот на Рајков падна по оставката на премиерот Бојко Борисов и целиот негов владин тим предводен од партијата ГЕРБ.
Според претседателот Плевнелиев станува збор за независна личност која на демонстрантите треба да им покаже дека конечно се случува раскинување со политичката елита, која што граѓаните ја сметаат за корумпирана и неспособна да го подобри животниот стандард во земјата.
Марин Рајков има педесет и две години. Веќе бил заменик министер за надворешни работи, а од 2009 година е амбасадор во Франција.
Покрај функцијата премиер, тој ќе биде и шеф на бугарската дипломатија.
Бугарските аналитичари сметаат дека со изборот на Рајков, Плевнелиев се обидува да докаже пред ЕУ, дека Бугарија останува доследна на стогата финансиска политика и дека нема да троши нерационално само за да се стави крај на бранот протести.
Последните неколку недели низ бугарските градови речиси секојдневно се организираат протести на незадоволни граѓани од нискиот животен стандард и од корумпираноста на етаблираните политички елити.
Масовните протести беа причина за оставката на Борисов на 20-ти февруари, по што претседателот Плевнелиев ги закажа предвремените парламентарни избори./Б.Н
