Жртвата на Талибанците Малала Јусафзаи тргна на училиште!
Малала Јусафзаи, тинејџерката која талибанец во Пакистан ја застрела во глава додека прокламираше образование за девојчињата, неколку недели по излегувањето од болница го доживеа првиот училишен ден.
15 годишното девојче кое годинава беше номинирано за Нобелова награда го опиша враќањето во училиште со нејзините врсници во Бирминген како најважен ден во нејзиниот живот.
„Денес сум возбудена.Ми се оствари сонот да се вратам на училиште. Сакам сите девојчиња на светот да ја имаат оваа основна можност“, изјави таа.
Во придружба на нејзиниот татко и опремена со ранец, Малала им се придружи на девојчињата во средното училиште во Едгбастон, во близина на болницата каде минатиот месец таа беше на операција за реконструкција на черепот.
Заедно со нејзините соученички, таа ќе ја учи целата наставна програма и ќе се подготвува за изборните предмети.
„Ми недостигаат другарките од класот во Пакистан, но се радувам што ќе ги запознаам професорите и ќе создадам нови пријателства овде во Бирмингем, рече таа.
Малала беше донесена во Британија на специјалистички третман откако минатиот октомври во долината Сват, во Северозападен Пакистан, талибанец ја застрела во главата.
Претставници на пакистанските талибанци изјавија дека нишанеле во неа затоа што го промовирала „западното размислување“./Н.Р
Izvor GUARDIAN