Италија: Рак ги напаѓа војниците учесници во мировни мисии !
Тужителството во Италија поведе истрага поради се поголемиот број војници заболени од рак по учество во мировните мисии,вклучувајќи го и Косово.
Поразителните податоци за порастот на заболените од рак во Италија неминовно се поврзува со употребата на осиромашен ураниум за време на Нато бомбардирањата. Тоа се обидуваат да го докажат и италијанските војници кои биле на разни меѓународни мисии вклучувајќи го и Косово.
Италијанските војници неколку години безуспешно се обидуваат да ја докажат врската помеѓу нивното нарушено здравје и осиромашениот ураниум.Според податоците од Здружението на жртви од осиромашен ураниум, над 300 војници, кои биле припадници на Нато трупите, починале од разни видови на тумори, доминантно на лимфните жлезди додека над 3600 заболеле.
Меѓутоа се претпоставува дека бројот на заболени е многу поголем, бидејќи болеста не се јавува веднаш а во разните мировни мисии, во Босна и Херцеговина, на Косово, во Ирак и во Авганистан биле над 70 000 италијански војници.
“Умирам а државата ми вели дека тоа е од стрес. Јас ќе се борам до последниот здив“, изјавил пред да почине италијанскиот војник Еразмо Савино.
Властите во Рим упорно одбиваат да признаат каква било одговорност негирајќи ја врската помеѓу лошата болест и осиромашениот ураниум,вклучувајќи ги анализите на дури три парламентарни комисии кои поради крајно спротивставените мислења не дале никакви резултати.
Меѓутоа двата последни случаи, смртта на 31 годишниот постар војник Еразмо Савино, кој боледуваше од рак а беше во мисија на Косово, како и на петтиот случај на припадник на мировните мисии заболен од смртоносниот тумор во Рим, беа повод заменик јавниот обвинител Давид Ерколани да поведе истрага против непознати лица за убиство од небрежност според војниот кривичен закон.
