Што се имало во сефот на Тито?
„Злато во прачки и во прав со вкупна тежина од 29,366 килограми, златници (големи и мало) вкупно 2.663 парчиња, предмети од злато, брилијанти и дијаманти кои му припаѓале на семејството Караѓорѓевиќ вкупно 149 парчиња, предмети од злато и други благородни метали кои по војната се земени од трезорот на Народната банка на Југославија, запленети или набавени со државни средства, вкупно 251 парче, нумизмички пари со поголема вредност, вкупно 1.271 парче, одликувања кои му припаѓале на семејството Караѓорѓевиќ, 13 парчиња, садови од сребро и сребро со позлата, вкупно 18 комплети, -останати предмети со помала вредност (копчиња за манжетни, кутија за цигари, медаљони, привезоци, значки и друго), вкупно 83 парчиња, девизи во готовина: 26.219 американски долари, 36.000 германски марки и 2.200 дански круни“.
Ова е списокот со вредни предмети пронајдени во приватниот сеф на Јосип Броз Тито, што денеска ексклузивно го објави српскиот весник „Данас“.
Државната комисија во Србија минатата недела го отворила т.н. „Сеф на Тито“ во Народната банка на Србија, по речиси 30 години откако, по одлука на претседателот на СФРЈ, тие предмети биле депонирани.
Имајќи предвид, дека кон одлуката на Претседателството на СФРЈ е оставена можност дел од тие работи да се претворат во златни резерви на НБЈ или дури да се продадат на аукција, можно е и сосема веројатно е тогашниот список на предмети да не одговара со состојбата која е најдена при влегувањето на државната комисија.
Се што се однесува на овие предмети се случило во периодот од крајот на март до крајот на јуни 1982 година кога сите предмети се пренесени во Народната банка на Југославија и обезбедени во сефови. Во очекување на оставинска постапка во која наследниците не се единствени, а за тогашното раководство особено се непријатни барањата на вдовицата на Тито, Јованка Броз, се смета дека овие предмети не можат да бидат нејзин дел.
Златото кое е најдено во приватниот сеф на Тито никој не знае како се нашло во неговата резиденција. Исто така имало и одреден број драгоцености и одликувања од оставината на кралското семејство Караѓорѓевиќ. Можно е златото да е земено од државните резерви за да му стои на располагање на Тито и раководството на земјата во случај на нужда или непредвидени околности како што се агресија на државата или некои слични околности.
Сите предмети и пари се предадени на Народната банка на Југославија записнички, со обврска да се изврши стручна процена на вредноста на предметите кои имаат историска и археолошка вредност и тие предмети да се отстапат на соодветни музејски установи во Југославија, а останатите предмети да се претворат во златни резерви или продадат на аукција, заклучило Претседателството на СФРЈ.
Динарските средства во готовина кои му припаѓале на Јосип Броз Тито, а најдени се во Меморијалниот центар, во износ од 2.149.589,80 динари, ставени се на штедна книшка, така што заедно со средствата (од авторски права и други заштеди) кои веќе се наоѓале на книшка чинат вкупно 4.933.715,85 динари. Девизните средства на девизна сметка изнесуваат 5.700,48 германски марки.