Спречен терористички напад во Канада!
Објавено на 23 април, 2013 во 08:04
30-годишниот Чихеб Есегхајер и 35-годишниот Раед Џасер, кои живееле во Монтреал и Торонто, планирале напад врз воз на компанијата „Виа реил“, соопштија канадските истражни органи.
Тие се обвинети за подготовка на терористички напад врз патнички воз во Канада, со поддршка на Ал Каеда. Двајцата мажи не се државјани на Канада и нема информации од каде дошле.
Тоа е првиот откриен напад кој Ал Каеда го подготвувала во Канада.
Уапсените, Есегхајер и Џасер, инструкции добивале од Ал Каеда во Иран. Засега полицијата нема докази дека терористичкиот заговор бил спонзориран од некоја држава.
Есегхајер и Џасер се уапсени во прекуграничната операција во која учествувале канадските правни органи, ФБИ и американското Министерство за внатрешна безбедност.