Останува во сила полицискиот час во Словенија
10.12.2020
Словенечката влада ги продолжи ограничувачките мерки против пандемијата на коронавирус, вклучително и забраната за собирање и движење меѓу општините, ноќен полициски час, запирање на јавниот превоз и затворање на продавници кои не продаваат витални производи.
Мерките на претпазливост остануваат во сила, како што се носење маски на отворено и затворено, миење раце, се вели во соопштението на владата, објави „STA“.
Сепак, била донесена одлука за отворање на историско-културните и археолошки локалитети или ботанички наследства, како и библиотеки и други културни институции за јавноста.
Повеќе од 90.000 заразени
Владиниот портпарол Јелко Кацин синоќа за ТВ Словенија изјавил дека владата ќе разговара со претставници на здравствени установи и компании со цел да се консултира за одлуката за потенцијалните измени на одлуката.
Во Словенија вчера биле потврдени 2.139 нови инфекции со коронавирус, а како резултат на потешка клиничка слика починале 38 пациенти.
Според новите податоци на Министерството за здравство, вкупниот број на потврдени инфекции за првпат од почетокот на епидемијата надмина 90 илјади и изнесува 90.075, од кои активни се уште 20.738 случаи.
Бројот на жртвите се искачил на 1.900 од почетокот на епидемијата.