За 14,2% зголемени трошоците за живот во декември во однос на 2021 година
Според најновиот извештај на Државниот завод за статистика, зголемување на трошоците за живот од 14,2% и цените на мало за 12,6% имало во декември 2022 година во однос на декември 2021 година. Покачувањата се должат на растот на цените на прехрамбените производи и транспортните трошоци.
-Пораст на индексите е забележан во групите: храна и безалкохолни пијалаци за 20.9 %, транспорт за 19.5 %, ресторани и хотели за 15.5 %, домување, вода, електрика, гас и други горива за 13.3 %, разновидни стоки и услуги за 8.9 %, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 8.6 %, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 7.5 %, рекреација и култура за 4.9 %, здравје за 4.0 %, облека и обувки за 1.8 %, комуникации за 0.4 % и образование за 0.3 %, соопштуваат од Државен завод за статистика.
Интересен е податокот дека во декември трошоците за живот бележат минимално намалување во однос на трошоците за ноември 2022 година од минимални 0,2% и тоа главно се должи на пад на цените на свежиот и разладениот зеленчук и овошје, маслото и маснотиите, сирењето и урдата, течните горива за домаќинства, горивата и мазивата за сопствени превозни средства и слично.
Декември е и единствениот месец во целата година кој бележи некакво намалување на целокупните трошоци за живот.
Во текот на изминатата година пораст на индексите на цените на мало е забележан во сите групи: индустриско-прехранбени производи за 20.1 %, земјоделски производи за 16.0 %, индустриско-непрехранбени производи и тутун за 14.2 %, пијалаци и услуги за 8.3 %.
Цените на мало имаат пораст за 0,7% во однос на ноември 2022 година.
Дума.мк