Успешна земјоделска приказна, главниот лик е жена!

Објавено на 1 декември, 2012 во 14:36

Вози трактор, ора, копа, сади прачки, бере грозје, товара и растовара. Триесет и пет годишната Васка Мојсова од неготинското село Тимјаник  е успешен земјоделец. Скоро две децении ја обработува својата земја од која произведува грозје, жито и овошки. Таа е една од ретките жени земјоделец во земјава која има своја фирма со која добро работи. И покрај макотрпната физичка работа Васка не се жали, вели си ја сака работата која е дел од семејниот бизнис. Секој почеток е тежок признава Васка, но со посветена работа и помош од државата, резултатите се очигледни.

„Тешка и макотрпна е работата во зeмјоделството, секој кој го работи ова, знае колку труд е потребно и голема волја и желба за да се дојде до одличен квалитет и резултат. Ние со упорност и работа успеавме зашто ако не се посветиш максимално на својот производ ќе нема ниту квалитет ниту квантитет“,вели Мојсова.

Ова семејство на 10 хектари одгледува високо квалитетни сорти грозје. Васка вели дека набраните гроздови од сортите викторија, молдавија и кардинал завршуваат на домашниот и странскиот пазар.

„Имаме и површини со винско грозје за кое знаеме дека последниве неколку години состојбата беше тешка со откупот и исплатата на родот.Но, годинава е подобро. Исто така доста актуелни се лозовите и овошните садници зашто луѓето почнаа да ги обновуваат своите стари лозови насади. Десетина години произведуваме овошен и лозов саден материјал и немаме проблем со продажбата. Годинава побарувачката ни е зголемена“,вели Мојсова

Семејството Мојсови инвестирале во нова технологија. Годинава засадиле и нови сорти грозје. На лозовите насади изградиле систем капка по капка. Васка е задоволна и од субвенциите

За својот вложен труд Васка годинава беше прогласена за најдобар земјоделец во областа на лозарството и овоштарството на саемот Агрофуд 2012 година во Скопје.  Тоа е нејзино прво признание бидејќи досега никој не се сетил да ја награди.

Вредната земјоделка вели дека признанието за неа претставува поттик за уште поголемо ангажирање а паричната награда од 150 000 ден на Прокредит банка ќе ја искористи за набавка на нова механизација и проширување на лозовите плантажи.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.