Елек со вентилатор за ладење за кучиња и мачки
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2022/08/DFUIRKIA2BJFHGZTTR6VSCOJBY.jpg)
За да им помогне на домашните миленици да ги пребродат непријатните летни горештини, една компанија за породилна облека од Токио рекламира елеци со вграден вентилатор за да им помогне на кучињата и мачките да се разладат.
За да ги оладат своите миленици за време на жешките горештини во Јапонија, сопствениците на кучиња сега можат да купат вентилатори за носење. Со тежина од само 80 грама, вентилаторите на батерии се прикачени на животното со мрежест елек, а уредот дува ладен воздух околу нивното тело.
Реи Узава, претседателка на компанијата за породилна облека Sweet Mommy, вели дека дошла на оваа идеја откако видела колку и е тешко на нејзината чивава кога излегле на прошетка.
Токио го доживеа својот најдолг топлотен бран од крајот на јуни, со температури кои достигнаа 35 степени девет дена по ред, откако сезоната на дождови заврши рано.
„Оваа година речиси и да немаше сезона на дождови, па топлите денови дојдоа рано“, нагласува Узава, која овие елеци ги изработила во соработка со ветеринар.
Мами Кумамото, која има минијатурна пудлица по име Пурин и териер по име Моко, рече дека за време на прошетките се обидувала да ги разлади своите миленици со пакувања со сув мраз. „Многу е полесно да се шетаат кучињата со овој вентилатор“, изјави таа за Ројтерс.
Ладилниот елек за кучиња е погоден и за мачки, а се чини дека е моделиран по јакните за ладење кои се сè попопуларни меѓу градежните работници и другите кои поминуваат многу време надвор во Јапонија.
Побарувачката не се очекува да се намали наскоро бидејќи температурите повторно се зголемија во текот на викендот поради високиот воздушен притисок во поголемиот дел од Јапонија. Иако за четврток и петок се прогнозира нешто послабо време, се очекува повторно пораст на температурите за време на викендот и ќе се движат околу 30 степени во поголемиот дел од следната недела.
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2021/05/SEMM.jpg)