Физичар го збуни светот со својата објава: Дали е ова колбас или ѕвездата најблиску до Сонцето?

Објавено на 10 август, 2022 во 13:24

Францускиот физичар Етјен Клајн се извини откако призна дека фотографијата од ѕвездата Проксима Кентаур, која ја објави на својот Твитер пред неколку дена, всушност е фотографија од парче колбас.

„Фотографија од Проксима Кентаури, најблиската ѕвезда до Сонцето која е оддалечена од нас 4,2 светлосни години“, напиша Клајн пред неколку дена со фотографија од колбасот, додавајќи дека фотографијата е направена од телескопот Џејмс Веб на НАСА.

Луѓето на Твитер тоа главно го сфатија како шега, но шегата не им се допадна на сите и многу корисници на оваа социјална мрежа го нападнаа и му порачаа дека, како почитуван научник, не треба да објавува информација без претходно да ја провери.

„Непримерно е да се споделуваат вакви работи без веднаш да се посочи дека се лажни“, гласи еден од коментарите.

На крајот Клајн се извини и призна дека се шегува.

„Во светлината на некои од коментарите, чувствувам обврска да објаснам дека твитот на кој се прикажува наводната снимка од Проксима Кентаури е шега. Да научиме да бидеме претпазливи за аргументите на авторитетот, како и за спонтаната елоквентност на одредени слики“, напиша физичарот.

Со шеговит тон додаде дека, според модерната космологија, ништо што постои во месарниците не постои никаде освен на Земјата.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.