Македонија на Евровизија ќе настапи трета во второто полуфинале
Македонските претставници Есма и Влатко ќе настапат трети на втората полуфинална вечер, на 16 мај, во „Арената“ во Малме, Шведска. Продуцентите на изборот решија вечерта на која ќе се натпреваруваат 17 земји да ја отвори изведувачот од Летонија.
Честа да го отворат шоуто во првото полуфинале, кое ќе се одржи на 14 мај, ја имаат претставниците на Австрија, а последни ќе настапат трите атрактивни претставнички на Србија
Редоследот на земјите во двете полуфинални вечери досега се решаваше со ждрепка, односно со случајно извлекување на името на земјата од број еден до крајот на листата. Годинава за редоследот решаваа само одреден број луѓе – продуценти на Евросонг 2013. Организаторот се надева дека со овој потег ќе ги зголеми квалитетот на шоуто и возбудата кај публиката.
Според најавите, намерата на организаторот е да го врати стариот сјај на изборот со грандиозна и спектакуларна програма.