Со позитивни мисли до помали болки во грбот
Динамиката на современото живеење предизвикува, болките во грбот кај луѓето да бидат се’ почести. Најчестите болки се во долниот дел од грбот, но може да ги почувствувате и во вратниот дел на р’бетот. Како и да е, истражувањата покажуваат дека позитивните мисли ќе донесат позитивни промени. Дознајте како…
Променете го ставот
Истражувањата покажуваат дека осум од десет луѓе ги искусиле непријатните болки во грбот, а ваквата агонија е поврзана со мозокот. Според студијата на Универзитетот Варвик, пациентите со хронични болки во грбот кои биле подложени на една форма на психо-терапија, многу побргу ги надминале проблемите, отколку оние што добивале само стандардна физиотерапија или акупунктура. Се верува дека клучот е во надминувањето на негативните мисли, што пак значително го менува чувството на болка.
Сомнежите ја интензивираат болката
Болките се вратиле во голема мера кај оние пациенти кои започнале да се сомневаат во напрадокот и дозволиле појава на негативни мисли. Со скептичните ставови, тие ја ограничуваат физеотерапијата, поради стравот дека нема да можат да ги постигнат очекуваните резултати и на тој начин всушност ја предизвикуваат стагнацијата.
Насочете ги емоциите
Лекарствата против болки, дејствуваат различно кај пациентите, па позитивното размислување може ефикасно да влијае врз терапијата. До сега, лекарите правеа конкретна поделба на физичките и емоционалните проблеми. Сепак, се покажа дека тие можеби се далеку поиспреплетени од што се мислеше. Наместо да размислувате дека болката е најстрашното нешто и никогаш нема да се подобри, емоциите треба да се насочат кон оздравување, што може да се покаже како клучно.
Не седете на каучот, раздвижете се
При појавата на болки во грбот, голем број пациенти започнуваат да избегнуваат пешачење, возење, социјализација, одење на одмор и сл., бидејќи се убедени дека не се во состојба да го прават тоа. Но, токму таа убеденост можеби директно го влошува проблемот. Докторите велат дека колку подолго страдате од болки во грбот, толку тие болки се помалку поврзани со иницијалниот, физички корен на болката. По кусо време, треба да започнете да се враќате на нормалните активности и болката полека ќе исчезне.
